ДУА ЛИПА И РАПЕРОТ СТОРМЗИ ТРИУМФИРАА НА БРИТАНСКИТЕ МУЗИЧКИ НАГРАДИ

Лондон, (Гардијан)

Дуа Липа и Стормзи, две од најголемите надежи на британската поп-сцена, ја победија далеку поискусната конкуренција, за да ги освојат најпрестижните признанија на Британските музички награди, што се одржаа во лондонската „О2 арена“.

Стормзи, 24-годишниот грајм рапер од јужен Лондон, беше прогласен за најдобар британски машки изведувач, иако против себе ги имаше Ед Ширан и Лајам Галагер. Тој, исто така, го има албумот на годината, Gang Signs & Prayer, првиот грајм албум кој се искачил на првото место на британската топ-листа, повторно победувајќи го Ширан, но и Дуа Липа.

Младата Косоварка славеше во две други категории, откако беше прогласена за најдобар женски изведувач и за откритие на годината. Таа се доселила во Лондон како тинејџерка и едно време работела како модел и во ноќни клубови, пред да почне музичка кариера. Нејзиниот најголем хит „Нови правила“ ја надмина бројката од милијарда прегледи на Јутјуб.

Ед Ширан ја освои само наградата за глобален успех, додека најдобра британска група е „Горилаз“.