Во летните месеци, Европа е преплавена со музички фестивали за сите вкусови. „Сани хил“ во Приштина е четиридневен поп фестивал организиран од мегаѕвездата Дуа Липа и нејзиниот татко Дукаѓин кој се обидува да ја промени сликата за Косово во времето кога пејачки од овој дел на светот ги освојуваат светските топ-листи.
„Сакам да ги променам реториката и мислењето за Косово. Додека јас живеев во Косово, ниеден музичар што го сакав не доаѓаше таму“, вели Липа, која е родена во Велика Британија, по што живеела во Косово, пред да стане една од најголемите поп-ѕвезди.
Во 2018, една деценија откако Косово прогласи независност, Липа го создаде „Сани хил“, но во почетокот ѝ било тешко да убеди други ѕвезди да дојдат да настапат. Тоа се промени по доаѓањето на имиња како Мајли Сајрус и Калвин Харис.
Денес, покрај глобалниот феномен корејски поп, има и косовски поп, предводен од Липа, Рита Ора и Ера Истрефи. Тие пеат на англиски, но и музичари од Косово кои пеат на албански исто така се популарни низ Европа, Блиски Исток, северна Африка, Индија, Австралија и САД.
Една од нив, Дурата Дора (фото), има повеќе од 860 милиони прегледи на Јутјуб и хитови со алжирскиот рапер Солкинг и со конгоанско-францускиот пејач ГИМС.
Косовските поп-пејачи исто така редовно соработуваат со музичари од Албанија и од дијаспората, проследено со атрактивни и раскошни видеоспотови.
Дукаѓин Липа вели дека економското влијание на „Сани хил“ врз Приштина е околу 20 милиони евра за една недела. Повеќето хотели се целосно пополнети, но поради скапата цена на билетот од 200 евра, фестивалот останува недостапен за многумина локалци. Околу 45% од годинашните посетители допатувале од странство за да ги видат меѓународните ѕвезди Стормзи, Бебе Реџа, Блек Кофи и „Грув армада“.