ДУКЕ БОЈАЏИЕВ СО НОВ АЛБУМ ЗА КРАЈ НА ГОДИНАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во деновите кога сите ги завршуваат своите активности за оваа година, македонскиот музичар кој живее и работи во Њујорк Дуке Бојаџиев објави нов студиски албум.

Тој е насловен „Сон-вера-љубов“ и како што појасни Бојаџиев, на него се наоѓаат композиции што ги изведуваше во живо изминативе години, а дел од нив за првпат ќе можат да се слушнат.

„Музиката е инспирирана од македонските корен и традиција и напишана и снимена во Њујорк во изминативе седум години“, вели Бојаџиев.

Како гости на албумот се потпишани Исмаил Лумановски (кларинет), Владимир Крстев (виолина), Ара Динкјиан (уд), Матијас Кунцли (перкусии), како и Каролина Гочева, Наташа Петровиќ и Крсте Роџевски како придружни вокали.

Албумот може да се преслуша и да се симне од Саундклауд.