„Авалон продукција“ објави дека го раскинал договорот со македонската група „Дупер“, откако од неа беше избркана тапанарката Мартина Баракоска.
„Поради тоа што еден од машките членови на ‘Дупер’ ѝ даде отказ на Мартина, а со поддршка од другиот машки член, ‘Авалон продукција‘ го раскина договорот со младите момци“, беше објавено на Фејсбук страницата на „Авалон“.
Во бендот остануваат Бобан Какуринов (гитара, клавијатура) и Илчо Нечовски (вокал, бас гитара).
Триото се појави на сцената лани и неговата прва песна „Не сум твој тип“ за брзо време стана голем хит, собирајќи неверојатни 2,1 милион прегледи на Јутјуб. Договорот со „Авалон“ го потпишаа пред новогодишните празници и потоа добија „Златна бубамара“ за музичко откритие на годината.