„ОДМАЗДНИЦИ: ЗАВРШНИЦА“ СЕ ПРОБИ НА 2. МЕСТО НА ВЕЧНАТА ЛИСТА СПОРЕД ЗАРАБОТКА

Лос Анџелес, (Вараети)

„Одмаздници: завршница“ по само 11 дена стана вториот најуспешен филм на сите времиња, откако викендов успеа да го надмине и „Титаник“ на Џејмс Камерон.

Продолжението на „Војна на бесконечноста“ досега има заработено 2,188 милијарди долари, со што за рекордно кратко време се проби на второто место на вечната листа. Рекордер засега останува „Аватар“ со заработени 2,78 милијарди долари, но на него му требаа дури 47 дена за да ја достигне магичната граница од две милијарди.

Четвртиот дел на „Одмаздници“ досега заработи 620 милиони долари во домашните киносали, што го прави деветти најуспешен филм во Северна Америка, но затоа во останатиот дел од светот донесе приход од 1,56 милијарди, од кои само во Кина 575 милиони.

„Одмаздници: завршница“, во режија на браќата Русо, е 22. филм од серијалот „Филмски универзум на Марвел“, кој за кратко време собори низа рекорди.