Од тактовите на првата песна, евровизиската „Од нас зависи“, публиката во Велешки театар синоќа (27 април) пееше и танцуваше со песните на Каролина. Таа одржа концерт во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, прв солистички во Велес, откако во два наврати настапи на отворено на Питијадата.
Распродадената сала и публика желна за забава беа инспирација за Каролина да ги испее нејзините хитови.
„Вечерва сме во театарот, досега во Велес имам настапувано на неформални сцени. Гледам дека сте расположени за забава. Нема седење, започнуваме со танцување веднаш“, порача Каролина на почетокот на концертот.
Публиката ги знаеше сите песни и пееше во хор. Во блокот со балади, таа раскажа како се родила оваа турнеја, која започна на почетокот на март во Скопје.
„Со мојата нумера ‘Први март‘ најавивме еден концерт во Скопје, па потоа имаше уште еден, па други концерти низ Македонија и така се создаде оваа турнеја“, рече Каролина, чии настапи беа повеќе клупски, за разлика од велешкиот, кој беше на сцената на театарот.
Безмалку два часа Каролина со придружниот бенд,и придружните вокали Ана Костадиновска и Сара Пројковски пееше песни од повеќе фази на нејзината кариера. Концертот го организираше „Авалон“.
П. ПЕЧКОВ
Фото: „Авалон“