ЕД ШИРАН СО ОЛ-СТАР ЕКИПА МУЗИЧАРИ ГО СНИМИ СВОЈОТ НОВ АЛБУМ

Лондон, (Гардијан)

Ед Ширан ги објави деталите од својот нов албум, на кој соработува со некои од најпопуларните поп и хип хоп музичари на денешнината. Две години по „Поделено“, кој беше најпродаван албум во светот за 2017, тој на 12 јули ќе го издаде „No 6 Collaborations Project“, од кој веќе излегоа два сингла, со Џастин Бибер и со Ченс д Рапер.

Албумот ќе содржи 15 песни и Ширан на него соработува со ѕвезди од двете страни на Атлантикот. Меѓу американските ѕвезди се Карди Би, Бруно Марс, Скрилекс, Камила Кабелјо и Халид, а на Ширан му успеа во една песна да ги обедини Еминем и 50 Сент. Ширан сними песни и со некои од најуспешните современи британски рапери, како Стормзи.

Ова не е прв ваков проект на Ширан, кој и во 2011 година издаде миниалбум со песни на кои соработуваше со други музичари.

Јавноста има големи очекувања од новиот албум на Ширан, што беше снимен за време на неговата последна светска турнеја, која е на пат да стане турнеја со најголема заработка во историја, рекорд што сега го држи „Ју-Ту“.