Фестивалот Макфест годинава ќе се одржи на 25 и 26 октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Наскоро ќе биде соопштена деталната програма на песните и пејачите на 39. издание на фестивалот, а уметнички директор е музичарот Роберт Саздов (фото). Дел од тимот е и продуцентот Јован Јованов, кој живее во Канада, а следниот месец треба да дојде во Македонија.
Минатата година, Владо Јаневски беше ревијален гостин на фестивалот. Јаневски тогаш изјави дека триесет години по хитовите „Чаирска романтика“ и „Еден бакнеж“, кои ги испеа во Штип, доаѓа повторно на Макфест. Дел од ланските учесници беа и Ламбе Алабаковски, Андријана Јаневска, „Љубојна“ и Бојана Скендеровски.
Првиот Макфест се одржа во 1986. Победи словенечката пејачка Хелена Благне со песната „Кога те нема“, со музика на Кире Костов и текст на Васил Пујовски.
Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ