ФЕСТИВАЛОТ ОХРИД КОЛИНГ ЗА ПОСЛЕДЕН ПАТ ВО КАСАРНАТА ВО ОХРИД ПОРАДИ РЕНОВИРАЊЕ НА ОБЈЕКТОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Фестивалот Охрид колинг, кој ќе трае од 31 јули до 3 август, за последен пат ќе се одржи во охридската касарна, објави „Авалон“. Годинава, фестивалот ќе се одржи по деветти пат, а петти пат по ред во касарната.
„Како што сме информирани од Општина Охрид, во касарната следуваат инвестиции и иновации на некои постоечки објекти, поради што најверојатно повеќе нема да има можност фестивалот да се одржува на истата локација како во последниве пет години“, велат од „Авалон“.
Афроџек, „Вини вичи“ и Мејсио Плекс ќе бидат главни ѕвезди на годинашното издание на фестивалот. Меѓу оние кои првпат ќе настапат во Македонија е и маскираниот германски диџеј и продуцент Клептоне.

Најголемото име во поставата е холандскиот хитмејкер Афроџек (фото), кој првпат доаѓа во Македонија, додека „Вини вичи“ веќе има гостувано, но ексклузивноста на овој сет ќе биде во тоа што ќе настапат и двајцата членови на дуото, што, како што велат од „Авалон“, е најчесто резервирано за најголемите светски фестивали.

Првпат пред македонската публика ќе се претстави и американската техно ѕвезда Мејсио Плекс, а меѓу учесниците се и сингапурското дуо „Рејв рипаблик“, Лаура ван Дам од Холандија, Анри ПФР од Белгија, Фернанда Пистели од Бразил. Билетите се продаваат преку мрежата на ticketx.mk