„Филхармонија за Шпато“ е насловен вечерашниот концерт на Македонската филхармонија, што почнува во 20 часот, посветен на македонскиот музички мајстор Драган Ѓаконовски-Шпато, по повод 30 години од неговата смрт.
Ќе бидат изведени едни од најубавите композиции на Шпато, како „Далечен крај“, „Те носам во себе“, „Глас од далечината“, „Без повраток“, „Дојди есен“, „Молчи една долина“, „Убава си како музика“, „Зар вистина е крај“ и „За нас почнува живот“.
„Ѓаконовски-Шпато се смета за зачетник на македонската забавна музика, кој зад себе остави вистинско звучно богатство, чии убавина, автентичност и влијанието што го изврши не е надминато“, велат од Филхармонијата.
Ќе диригира Џеси Милинер од Германија, композитор, аранжер и пијанист, кој е задолжен и за оркестрациите на дел од композициите што ќе се изведат вечерва.
На сцената, заедно со Филхармонијата, ќе има и бенд во состав: Мартин Ѓаконовски – контрабас, Гордан Спасовски – пијано, Левин Ѓаконовски – тапани, Франческа Рајтер – виолина, Џон Илија Апелгрен – вокал и Кирил Кузмановски на саксофон.