ФИЛИП ДИМИШКОВСКИ ВЕЧЕРВА ЈА ПРИМА НАГРАДАТА ЗА НАЈДОБАР МЛАД ЏЕЗ МУЗИЧАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Наградата „Златен орикс“ за најдобар млад џез музичар вечерва ќе му биде доделена на 23-годишниот пијанист Филип Димишковски. Свеченоста ќе се одржи во кафе-барот „Винил“ од 19 часот.

Оваа награда беше претставена минатата година, во организација на Скопски џез фестивал и „Катар ервејс“. Првиот добитник беше тапанарот Виктор Филиповски.

Димишковски е активен на скопската клупска сцена од 18-годишна возраст и досега има свирено со Тони Китановски, „Некст ту сајленс“, „Конкеринг лајон“, „Љубојна“… Како изведувач, тој има гостувано на повеќе албуми.

Доделувањето на „Златен орикс“ е една од повеќето придружни активности на 37. издание на Скопскиот џез фестивал, чија главна програма стартува в четврток.