На 7 јули, на летната сцена на Домот на младите во Штип, во рамките на Штипското културно концерт ќе одржи Битолскиот камерен оркестар. На истата сцена, на 18 јули концерт ќе настапи светски познатиот француски сопран со потекло од Штип, Елена Голомеова.
ШКЛ се отвори сношти (28 јуни) со детската балетска претстава
„Волшебната шума“, а ќе продолжи на 1 јули со камерен концерт на Милена Тодороска Мургоска на виолина со пијано придружба на Огненка Герасимовска –Димитровска.
Истиот ден во УГ „Безистен“ ќе се отвори изложбата на уметнички слики од Боре Минов и Драган Гелев. На 3 јули на истото место концерт со наслов „Звукот на еден глас“ ќе одржи сопранот Виолета Арсовска.
На 4 јули концерт ќе одржат виолинистката Марија Илиева и пијанистот Симеон Иванов, а на 8 јули во УГ „Безистен“ е најавен пијано концертот на дуото „Трбојевиќ-Ефремова“.
Во рамките на ШКЛ, на 13 и на 14 јунли, и оваа година ќе се одржи традиционалниот концерт на планина наменет за помладата публика, а тоа е музичкиот хепенинг „Јас сакам Плачковица“ што секоја година се одржува кај планинарскиот дом „Вртешка“. Годинава ќе гостуваат „Фурија“, „Три пати на ден“, браќата Ареви и „Јордан Капа и Душанка“.
Оркестарот „Распеани штипјани“ ќе одржи концерт со староградска музика на 15 јули, а на 16 јули ќе се отвори изложбата „Пиктограми“ од уметниците Светлана Попова и Марија Штерјова.
На 19 јули ќе има пијано концерт со наслов „Патување“ на Ана Мазнејкова, а на 22 и 23 јули ќе се одржи музичката работилница „Школо за гитара“ со гитаристите Ивица Јорданов и Божидар Јорданов.
На 30 јули ќе се промовира двојазичната сликовница„ „Две татковини, а едно сонце“ од Заедницата на Хрватите во Штип и ќе се одржи Детската музичка оперета „Шеќерната приказна“. ШКЛ ќе заврши на 31 јули со кино проекција на филм во „Киноверзум“ кој се наоѓа во мултимедијалниот центар „Киро Глирговор“ во Штип.
За сите настани и настапи влезот е бесплатен, а Општина Штип која е главен покровител на манифестацијата потроши 850.000 денари. Организаторот вели дека програмските содржини се разнолики за сите возрасти со цел публиката да биде задоволна.
Т. ЈОВАНОВСКИ