„Ти“ (You) од композиторката Невена Нешкоска е песната која македонскиот пејач Васил Гарванлиев ќе ја пее на 65. издание на Евровизија во Ротердам.
Македонската радио телевизија (МРТВ) објави дека „Ти“ е авторско дело на Нешкоска, во соработка со сестра ѝ Калина. Нешкоска е композиторка и продуцентка родена во Охрид, а живеела и се школувала во Чикаго. Завршила студии на отсекот за композиција на познатиот музички колеџ Беркли во Бостон и е добитник на награда за најдобра светска песна на Натпреварот за пишување песни на САД.
МРТВ најави дека повеќе детали за песната и датумот на промоција ќе се објават дополнително.
Досега е познато дека Гарванлиев ќе настапи на првата полуфинална вечер, на 12 мај. Со нас во првата вечер ќе се натпреваруваат и: Белорусија, Литванија, Шведска, Словенија, Австралија, Ирска, Русија, Норвешка, Кипар, Хрватска, Азербејџан, Малта, Израел, Украина, Романија и Белгија.
Втората полуфинална вечер е на 14 мај, а финалето е закажано на 16 мај.