Џез музичарот Георги Шарески ќе го претстави својот најнов проект „Џезтет“ на концерт во „Јавна соба“ во Скопје на 23 ноември (21:30 часот). Покрај Шарески, дел од овој проект се Кире Кузманов (саксофон), Славчо Коцев (тапани) и Оливер Јосифовски (бас).
„‘Џезтет‘ е променлив оркестар, односно состав чија формација варира. Композициите се побрзи и динамични и ова е колекција на авторски дела на Шарески кои тој ги нарекува песни за бис или неоткриени хитови. Овие композиции во вистинско светло ги прикажуваат разиграниот дух и единственоста на Шарески како композитор, но и неговиот необичен и неспоредлив стил како гитарист. На овој концерт, Шарески ќе го претстави својот највозбудлив репертоар досега, жанровски шаренолика музика, која не е наменета само за џез слушателите“, стои во најавата на концертот.
Билетите се по цена од 300 денари.
Роден во Скопје во 1983, Шарески дипломирал на катедрата за џез композиција на музичкиот колеџ Беркли во Бостон. Досега има објавено девет албуми со авторска музика.