Познатиот грчки метал тапанар Џорџ Колијас (фото) ќе донесе ново ниво на квалитет на Скопје драм фестивал (Skopje Drum Festival), чие петто издание ќе се одржи на 3 ноември во Младински културен центар, со почеток во 17 часот.
Ова ќе биде и најмеѓународното издание на единствениот фестивал во Македонија посветен на тапаните и тапанарите, бидејќи покрај Колијас, од Германија доаѓа Кристин Неденс.
„Ова е првпат да имаме двајца гости од странство, досега обично беше по еден“, вели организаторката на Скопје драм фестивал, Тејка Васиљевиќ.
Колијас, чие гостување се реализира со помош на грчката амбасада во Скопје, две децении е тапанар на легендарниот американски дет метал бенд „Најл“ (Nile), додека Неденс, чие доаѓање го поддржа германската амбасада, е повеќе ориентирана кон џезот.
Она што годинашниот фестивал ќе го направи поразличен е и учеството на групата „Мајовци“, која веќе 30 години настапува на Галичката свадба, а помладата тапанарска генерација ќе ја претставува Дарио Циевски.
„Скопје драм фестивал носи нови предизвици и возбудливи моменти кои го прават ова петто издание посебно. Програмата вклучува настапи на Џорџ Колијас, Кристин Неденс, Дарио Циевски и групата ‘Мајовци‘, а ќе има и уникатна изложба на рачно изработени перкусии и тапани од локалните мајстори ‘SS Custom Drums‘, ‘Мулоски‘ и Христијан Николовски, што им дава на посетителите ретка можност да ги видат и разберат инструментите одблиску. Преку Meet&Greet сесијата посетителите ќе можат лично да се запознаат со артистите и да дознаат повеќе за нивните предизвици и искуства“, вели Васиљевиќ.
Г. КОНЕВ