ОДИМЕ ДА ЈА ШИРИМЕ НАШАТА МУЗИКА И МАЛКУ ДА ИЗБЕГАМЕ ОД РЕАЛНОСТА, ВЕЛИ СКОПСКИОТ БЕНД „ЈУ“ ПРЕД ЕВРОПСКАТА ТУРНЕЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Откако лани настапи на фестивалот Егзит во Нови Сад и одбележа десет години постоење со концерт во Младински културен центар, скопскиот емо/пост-хардкор бенд „Ју“ (YÖU) ќе помине дел од следниот месец на европска турнеја. Таа ќе почне со настапот во клубот „Буква“ во Скопје на 15 мај, а потоа се закажани уште 11 датуми во Словенија, Италија, Германија, Австрија, Чешка, Хрватска и Србија, пред да финишираат на фестивалот „Метал дисчарџ“ во Битола на 6 јуни.

Турнејата се реализира во соработка со „Атомик продукција“ и „Црнило букинг“ од Хрватска.

Ју“ е основан како трио во 2015 и сите овие години бендот го носат фронтменот Марко Крстевски (вокал и гитара) и Тејка Васиљевиќ (тапани). Во поставата се и басистот Ерик Омерагиќ и гитаристот Бојан Станиќ.

Иако велат дека оваа турнеја е организациски поголема, додаваат дека таа е само продолжение на нивната досегашна работа.

Марко: Настапот на Егзит беше навистина посебно искуство и убаво е да се најдеш на сцена со таа големина, ама не би рекол дека оваа турнеја ја гледаме како најамбициозна во таа класична смисла. Повеќе ја гледаме како природно продолжение на тоа што го работиме. За нас, вакви работи доаѓаат како резултат на континуитет, свирки, патувања, поврзување со луѓе и градење на сцената околу нас. Турнејата можеби е поголема организациски, ама суштината е иста: да свириме, да ја споделиме музиката и да се разголиме емотивно пред публиката во тие 40 минути. И мислам дека токму во тоа е поентата.

Тејка: Ова е уште една турнеја за бендот што ќе донесе ново искуство и свежина. Нашиот бенд е, сепак, нешто што го правиме на страна во нашето слободно време и овие работи се повеќе да се изгубиме во тој наш свет и да избегаме малку од секојдневната реалност. Одиме со цел да свириме, да ги шириме нашата музика и енергијата/чувствата што доаѓаат со неа, да запознаеме нови луѓе и да посетиме нови места.

Бендот одбележа десет години постоење лани со концерт во МКЦ, (Фото: Фејсбук)

Иако ќе имаат 11 концерти 11 дена по ред, велат дека се спремни за такво темпо. Севкупно, турнејата ќе опфати 5.000 километри патување.

Марко: Апсолутно, да! Не е првпат да одиме на олку долга турнеја и, да бидеме искрени, едвај чекаме. Концертите ни се омилениот дел од тоа што значи да свириш во бенд, особено кога си надвор од својот град или држава, секоја вечер нов град, нови луѓе и нова енергија.

Тејка: Сме имале претходно слично искуство, дури со повеќе концерти, иако тоа не значи дека не треба сериозно да ги сфатиме овие работи. Затоа почнавме со подготовка еден месец пред турнејата, за да може да се држиме кондициски и да не изгориме после третиот концерт. Тоа подразбира не само правење проби, туку одмор, физичка активност, добра исхрана. Мислам дека токму вакви турнеи те спојуваат како бенд и те ставаат во некој посебен „flow“.

Бендот не само што се прошири од трио во квартет меѓу двете студиски изданија „We Sing the Blues…“ од 2017 и „River of Sadness“ од 2024, туку и малку го промени звукот, најавувајќи дека е отворен и за други влијанија.

Марко: Мислам дека ако еден бенд воопшто не се менува од албум до албум, тогаш не е целосно искрен кон себе. Нормално е звукот да се развива со тек на време, затоа што и ние како луѓе се менуваме, па и нашите вкусови и начин на изразување. Важно е само да не се изгуби суштината од каде доаѓаш и што стои позади тоа што го правиш. Во нашиот случај, тоа се независната сцена и „направи сам/сама“ хардкор панк заедницата и тоа е нешто што останува константа, без разлика како ќе се менува звукот.

Тејка: Има мали промени на последното ЕП и баш ми е драго што се забележува. Не сме врзани за еден правец. Повеќе сме отворени да истражуваме и да дозволиме звукот природно да се развива, зависно од тоа каде сме како луѓе и музичари во моментот. „River of Sadness“ е транзиција од стар кон нов материјал, кој укажува како би звучел следниот албум што го спремаме, а истовремено се збогуваме со стариот звук.

Г. КОНЕВ

(Фото: Фејсбук / А. Илиевски)