Хитовите на легендарниот хрватски кантавтор Арсен Дедиќ вечерва ќе може да се слушнат во Националната опера и балет, во рамките на втората вечер на 39. Скопски џез фестивал.

Пет години по смртта на неговиот татко, еден од најпознатите хрватски џез музичари од поновата генерација Матија Дедиќ доаѓа во Скопје за да го изведе својот наградуван албум „Матија го свири Арсен“. Дедиќ го издаде албумот во 2015 година, а меѓу преработките има и филмски теми.

Бидејќи половина од вечерите на годинашниот фестивал е отстапена на домашни џезери, по Дедиќ ќе настапи Тони Китановски со неговиот „Мал голем бенд“. Новата инкарнација на бендот што го придружува искусниот гитарист вклучува осум музичари, плус двајца гости. Од фестивалот најавуваат дека концертот ќе биде сложена музичка понуда од репертоарот на Китановски.

Програмата во НОБ почнува во 20 часот, а од 23 часот ќе може да се проследи концертот на триото на Вилијам Паркер, кој ексклузивно ќе се пренесува од Њујорк, формат што првпат е дел од СЏФ. Шеесет и осумгодишниот контрабасист досега има снимено околу 150 албуми.

Г. КОНЕВ