Комплетирана е листата учесници на четвртото издание на Котон блуз фестивал, што ќе се одржи на 24 и 25 мај во Младински културен центар во Скопје.
Покрај веќе најавената главна ѕвезда Мад Морганфилд, од странство доаѓа и „Треинмен блуз“, проект на ирскиот пејач и гитарист Ричард Фарел и данскиот басист Лауст Нилсен, чија музика се опишува како комбинација на блуз, госпел и соул.
Домашната сцена ќе ја претставуваат Троја+Гуру Харе, Ади Имери и Мухамед Ибрахими, музичари кои не се врзуваат исклучиво за блуз.
Фестивалот е во организација на здружението „Блуз фамилија“, а како дополнителна содржина е најавено предавањето на Јани Павеза за рачна изработка на гитари.