ИЗЛОЖБАТА НА МУЗИЧКИ ПЛАКАТИ НА 28 НОЕМВРИ ЌЕ НЀ ПОТСЕТИ НА УРБАНАТА ДУША НА СКОПЈЕ, ВЕЛАТ ОД „БАГИ КОМУНИКАЦИИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 28 ноември од 20 часот, во Музејот на Град Скопје ќе биде отворена изложба на музички плакати, своевидна ретроспектива на музичкиот живот на Скопје. Ќе бидат прикажани повеќе од 80 плакати кои сведочат за најзначајните концерти, фестивали, групи и пејачи кои ја креирале урбаната музичка сцена на Скопје во последните триесет години. Изложбата е во организација на „Баги комуникации“.

„Музиката е прозорец во душата на еден град. Оваа изложба е можност да се навратиме на најубавите моменти што ги носи музиката, да ги оживееме спомените на луѓето, местата и времињата кои ја обликуваа музичката сцена

на Скопје“, велат орагнизаторите.

На изложбата ќе настапат пијанистот Бобан Мирковски и гитаристот Мухамед Ибрахими. Во соработка со неколку

средни училишта во Скопје ќе бидат организирани ученички посети, со цел младите да се запознаат со музичките историја и култура на Скопје.

„За мене, ова не е само изложба, туку благодарност и признание за сите уметници, групи и менаџери кои го создаваа музичкиот идентитет на Скопје. Секој плакат на оваа изложба раскажува приказна и ја чува историјата на урбаната култура на нашиот град“, вели Владимир Мандичевски-Манде, организатор на изложбата, која ќе биде поставена до 7 декември и е бесплатна за сите.