КАЈ НАС СЀ ОДИ НА СИЛА, СО НЕРВОЗА И СО ВРСКИ, РЕЧЕ ПЕЦЕ ОД „СУПЕРХИКС“ НА ПРОМОЦИЈАТА НА НОВИОТ АЛБУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со акустичен настап во живо, бендот „Суперхикс“ го промовираше новиот албум во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во скопската општина Кисела Вода. Албумот „Сила и нервоза“, како што вели фронтменот Петар Младеновски-Пеце, е слика за нашето денешно живеење.

„Кај нас сѐ оди на сила и со нервоза. За сѐ, за жал, треба врски, а тоа го опишува и насловната песна. Песната е многу хитовска, поточно, стана хит уште пред да излезе“, ни рече Младеновски.

Во песната се зборува за типичното македонско туркање преку ред, со добро познатиот изговор „само да прашам“.

На 29 јуни, бендот ќе одржи концерт кај салата „Расадник“ во Кисела Вода (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Во опуштена атмосфера на отворено, Младеновски рече дека Општина Кисела Вода единствената го поддржала бендот во прославата на 30-годишниот јубилеј, а албумот го финансирале самите.

„Запишете си го датумот: на 29 јуни ќе одржиме концерт на отворено, пред салата ‘Расадник‘. Треба да споменам уште едно 19-20 компании кои не застанаа зад нас и за нив едно ‘уа’. Очекуваме околу 150-200 илјади луѓе на концертот, значи третина Скопје“, рече басистот и пејач на бендот.

Во песната „Крута“, која исто така ја отсвиреа, „Суперхикс“ соработуваше со „Фолтин“, а снимано е во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски. Освен новите песни, го слушнавме и хитот „Оптимис-ка“.

Петар Младеновски со најблиското семејство (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Жал ми е што винил изданието не е готово, но албумот го има на дигиталните платформи. Топло пиво и плочата не е готова“, рече Младеновски низ насмевка.

Во рамките на славењето на 30 години „Суперхикс“ тој најави и изложба и акустична сесија.

М. ЏАРОВСКА