ЌЕ УЖИВАМЕ ВО МУЗИЧКО-ФИЛМСКИОТ ВРЕМЕПЛОВ, ВЕЛИ МИЛАНКА РАШИЌ ПРЕД КОНЦЕРТОТ „ОСКАРОВСКА ГАЛА ВЕЧЕР“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Осуммина пејачи ќе ги пеат најголемите хитови од холивудските филмови кои биле номинирани за Оскар или го добиле на концертот „Оскаровска гала вечер“, што ќе се одржи на 22 февруари во Македонскиот народен театар (МНТ). Гостите на црвениот тепих ќе доаѓаат од 19:30, а концертот почнува во 20 часот, најави Миланка Рашиќ, која е водителка на шоуто.

Настапуваат Наде Талевска, Ана Петановска, Светлана Јовановска, Горан Наумовски, Денис Димоски, Дејан Бобиќ Дексо, Марија Димитријевиќ и Јасна Димитровска, заедно со битолскиот камерен оркестар „IWConnect“, со кој ќе диригира Владимир Димовски и камерниот состав „Полифонија“.

Ана Петановска и Христијан Тоневски на ланскиот оскаровски концерт во Националната опера и балет (Фото: Приватна архива)

„Музичкиот избор од оскаровските песни е извонреден. Сигурна сум дека публиката ќе ужива во маестралните изведби на големите хитови и во нашиот музичко-филмски времеплов“, вели Миланка Рашиќ, коментаторка на оскаровското шоу и авторка на емисијата за филм „Во кадар“ на МТВ.

Заедно со музичарите, ќе настапат и балетските уметници Саша Евтимова и Ендрју Кук и танчарите од клубот „Денсерс јунајтед“.

„Ова е еден од ретките настани во нашата земја на кој се изведува музика со врвен квалитет. Преку овој концерт се чувствуваме како дел од оскаровската магија“, вели пејачот Горан Наумовски.

Настанот ќе се одржи точно една недела пред 97. оскаровска церемонија во Лос Анџелес. Влезниците се продаваат на билетарницата на МНТ и онлајн на www.mnt.mk.

М. ЏАРОВСКА