КОГА ПЕАМ ЛЕБДАМ, А ПУБЛИКАТА МЕ ВРАЌА НА ЗЕМЈА, ВЕЛИ КАЛИОПИ ПРЕД ТРИТЕ КОНЦЕРТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По осум години пауза, в сабота, на 20 јули, Калиопи ќе одржи концерт на Хераклеја во Битола. Изминатиов период, таа со својот бенд и придружните вокали интензивно се подготвува за трите концерти. По битолскиот, на Илинден (2 август), Калиопи ќе пее во Античкиот театар во Охрид, а на 19 октомври ќе одржи концерт во Скопје, во салата „Борис Трајковски“.

„Мојот последен концерт во Битола беше во 2016, токму на Хераклеја, значи пред 8 години. Во Велес, на покана на Велешкиот театар, во 2022 се одржа мојот последен солистички концерт во Македонија. Го чекав вистинското време за да ѝ го дадам најдоброто од себе на Македонија. Сега е тоа време“, вели Калиопи. За концертите кои ги организира продукција „Прагма“, таа ветува дека ќе бидат нејзините три најдобри досега.

Го чекав вистинското време за да ѝ го дадам најдоброто од себе на Македонија, вели Калиопи (Фото: Ани и Дими)

Повод за турнејата е новиот албум кој го промовираше во мај, а едноставно е наречен „Албум“. Го работеа со продуцентот Ромео Грил, за кој Калиопи во повеќе наврати има изјавено дека најмногу му верува.

Со Грил, кој ѝ е поранешен сопруг, Калиопи го има синот Пако кој живее во Швајцарија. Таа е добра пријателка и соработничка со Един Карамазов, босанско-хрватскиот лаутист со кој има одржано повеќе концерти и го снимија заедничкиот албум „Обливион“. Кога на концертите ја пееше песната „Алелуја“ од Леонард Коен, Калиопи рече дека е една од омилените на синот.

„Ја чувствувам музикалноста на Пако, ја гледам. Не ме изненадува неговата музикалност толку, колку што ме воодушевува неговата длабочина и умешност на препознавање, неговиот широк дијапазон на чувствување. Тој отсекогаш бил нашиот (мој и на Ромео) најголем критичар“, вели Калиопи за синот.

И по 40 години на сцената, таа чувствува трема пред претстојните концерти и вели дека самодисциплината ја одржува во форма. На прашањето, има ли трема, Калиопи вели:

„Апсолутно да, јас не бегам од неа. Дури некогаш мисловно намерно ја предизвикувам да се појави, бидејќи тој адреналин мене ми делува мотивирачки пред концерт. Ја сакам таа возбуда и имам чувство дека со времето си станавме најдобри другарки. Ама имаме договор, штом започне концертот, по втората минута мора да си оди. Посебен ритуал немам, освен самодисциплината, која ме одржува во добра, квалитетна кондиција пред секој концерт“.

Фото: Ани и Дими

Калиопи има песни кои ѝ будат посебни спомени.

„Во тие моменти не мислам, повеќе лебдам. Има песни кои додека ги пеам, имам чувство дека не го допирам подот со нозете. Би рекла, еден вид катарза. Единствен потсетник во тие моменти дека сум на земја е само публиката и мојот бенд. Тие се единствените со кои остварувам комуникација и споделувам додека сум на сцена. Но, секако, си дозволувам и малку приватност во моите песни додека пеам, впрочем публиката тоа и го сака од мене. Некогаш доаѓа и до интеракција и спонтани моменти. И секој концерт одново го доживувам различно од претходниот“, вели Калиопи.

Од новиот албум, таа промовираше четири нови спота, а интересен е дуетот со Слаткаристика за песната „Казна“. На албумот е дуетслата песна со Жељко Самарџиќ, „Знам“ која е хит во регионот.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Ани и Дими