Британскиот бенд „Колдплеј“ избра вонземски начин за да го промовира својот нов сингл „Виша сила“ (Higher Power), лансирајќи го во вселената.

Членовите на групата се поврзаа со Меѓународната вселенска станица за да разговараат со францускиот астронаут Тома Песке, при што ја споделија снимката од изведбата на нивната нова песна.

„Моментално не сме во можност да свириме никаде на Земјата, па решивме да ви ја отсвириме вам. Ова е како концерт за еден човек“, изјави пејачот Крис Мартин.

„Виша сила“ е првиот сингл од најавениот деветти албум на „Колдплеј“, што треба да излезе оваа година. Следната недела, групата ќе ја изведе песната во живо на реката Темза во Лондон, на отворањето на Британските музички награди.