На 11 август во 22 часот, на сцената на Долни Сарај, Охрид, концерт ќе одржи Националниот џез оркестар, а гостин ќе биде српскиот пијанист со македонско потекло, Васил Хаџиманов. Ќе диригира Џијан Емин.
Хаџиманов потекнува од семејство на музичари. Татко му е познатиот пеач, композитор и актер, Зафир Хаџиманов, а мајка познатата пејачка и актерка, Сенка Велетанлиќ.
Во текот на својата кариера, Хаџиманов има соработувано со бројни меѓународни музичари и има издадено повеќе албуми кои добиваат позитивни оцени од критиката, меѓу кои „Васил Хаџиманов бенд“ (2001), „7/8 &11“ (2008) и „Alive“ (2016). Во 2023 излезе албумот „Ќеиф“ чија промоција се одржа неодамна во Скопје.
На концертот во Долни Сарај ќе бидат изведени дел од најпознатите композиции на Хаџиманов, адаптирани за изведба со биг-бенд, како и композиции од неодамна промовираниот албум „Ќеиф“.
Аранжманите на композициите се на Владимир Николов, Тони Китановски и на Хаџиманов.