КОНЦЕРТ НА СОЛУНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА СО СИМОН ТРПЧЕСКИ КАКО СОЛИСТ НА 17 МАЈ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Државниот симфониски оркестар од Солун ќе одржи концерт во Филхармонијата на 17 мај од 19:30 часот. Гостувањето во Скопје доаѓа по заедничкиот настап на Македонската, Солунската и Софиската филхармонија во Софија на 17 февруари со музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“.

Како солисти ќе настапат македонскиот пијанист со интернационална кариера Симон Трпчески и грчката сопранистка Мирто Папатанасиу. Диригент е Владимирос Симеонидис од Грција, а на програмата се Концертот за пијано и оркестар во Г-дур од Морис Равел, „Пет народни грчки песни“ во оркестрација на Равел и Розентал, „Ла Валс“ од Равел и неколку композиции од грчкиот композитор Емил Ријадис.

Од менаџментот на Филхармонијата велат дека се во финални преговори и за концерт во Солун.

.