КОНЦЕРТОТ „ГРУВ“ ВО НОБ ЌЕ ГИ СПОИ ЏИМИ ХЕНДРИКС И КЛАСИКА СО 3-Д ВИЗУЕЛНИ ЕФЕКТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Грув“ (Groove) е насловен вечерашниот уникатен концерт во Националната опера и балет (20 часот), на кој ќе настапи камерниот оркестар „Профундис“ во придружба на српскиот виолончелист Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки. Концертот ќе биде збогатен со сценски визуелни ефекти во форма на 3-Д мапинг.

„Уникатноста на овој концерт е во спојот на музиката и визуелното волшепство, па така искуството на присутните ќе биде збогатено со 3-Д визуелни ефекти, специјално креирани од Милчо Узунов. Тие во целост ќе ја оживеат сцената на Националната опера и балет и ќе овозможат доживување што за првпат се гледа на концерти на класичната музика во Македонија“, стои во најавата на концертот.

На репертоарот ќе бидат Џими Хендрикс, Валтон, Шостакович, Офенбах, Попер и Сарасате и премиерно ќе се изведе делото на македонскиот композитор Дарко Илиевски, „Motus folklorikus“, напишано специјално за овој настан. Ќе диригира Ѓурѓица Дашиќ, која е и уметничка раководителка на „Профундис“.

Влезниците се по цена од 750 денари.