КОНЦЕРТОТ НА „БИЈЕЛО ДУГМЕ“ ВО СКОПЈЕ ОДЛОЖЕН ЗА 31 МАЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Концертот на „Бијело Дугме“ кој требаше да се одржи на 12 април во салата „Борис Трајковски“ во Скопје се одложува за 31 мај, ни рекоа од продукцијата „Прагма“.

„Концертот го одложивме поради трагичниот пожар во Кочани на 16 март. Новиот датум го прилагодивме според обврските на музичарите“, рекоа организаторите.

Бендот доаѓа во Скопје во рамките на славеничката турнеја низ регионот и Европа по повод 50 години од основањето. Турнејата се вика „Да се доживее стотата“ (Doživjeti stotu), a лидерот на бендот Горан Бреговиќ претходно најави дека ќе свират 50 концерти во 50 градови. Славеничката турнеја стартуваше во мај 2024 во Домот на млади во Сараево, каде што „Дугме“ го имал еден од првите настапи во 1974.

На концертот во Скопје доаѓаат Горан Бреговиќ, Ален Исламовиќ, Младен Војичиќ-Тифа, Ѓиѓи Јанкелиќ, Огњен Радивојевиќ и Зоран Реџиќ. Првиот пејач на бендот Жељко Бебек одбил да настапува на славеничката турнеја.

„‘Бијело дугме’ е музика на едно време и спаѓа во тоа време. Да се прави вампир од него нема никаква смисла, исто како сега да се прашате зошто нема нов Моцарт или нов Шопен. Таа музика од тоа време, како и секоја солидна музика, има слушатели. Не го слушаме само она што е модерно и ново“, рече Бреговиќ за СМАРТ СДК.МК претходно.

М. ЏАРОВСКА