Англискиот рок бенд „Пласибо“ е првото големо музичко име што „Авалон продукција“ го најави во Македонија за 2022. Групата која од 2015 и официјално настапува како дуо ќе одржи концерт на 16 јули на стадионот на АРМ, во рамките на „Скопје колинг“.

Овој концерт првично требаше да се случи лани во јуни, но турнејата беше одложена поради пандемијата на коронавирусот.

Групата е основана во 1994 година и во својата дискографија има седум албуми, од кои последниот излезе пред осум години. Носители на групата низ сите овие години се Брајан Молко, еден од најспецифичните вокали во современата рок музика и гитаристот/басист Стефан Олсдал. Тоа ќе биде нивни втор настап во Македонија.

Влезниците по цена од 1.500 и 1.990 денари ќе бидат во продажба од утре.