КОНЦЕРТОТ НА ПОЛСКИТЕ МЕТАЛЦИ „ХЕЈТ“ ГО ЖИВНА ПОЛУЗАТВОРЕНИОТ МКЦ, ПИЈАЧКИ СЕ НОСЕА ОД ДОМА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Три дена откако беше објавено дека се брка целиот хонорарно вработен персонал, во Младински културен центар во Скопје се одржа првиот концерт во новонастанатите услови. Гостуваше полскиот дет метал бенд „Хејт“ (Hate), а фановите начекаа не несекојдневна, туку досега невидена глетка, што многумина кратко ја прокоментираа како жална и чудна.

Вратата од делот каде што се бифето и кино Фросина беше заклучена, платото беше пусто, мрачно и без маси и столчиња, а не работеше ни шанкот внатре. Без бифето и шанкот присутните останаа без можност да си купат пијачка, а пиво и метал едноставно не одат едно без друго. Сѐ што се донесе, се испи уште до 22 часот пред МКЦ.

Платото пред МКЦ беше пусто, мрачно и без маси и столчиња

Внатре, барем имаше музика, имаше концерт, она за што првенствено сите дојдоа и сите три групи кои настапија вечерта се погрижија да се одржи потребното ниво на интензитет. Отвори скопскиот бенд „Гаргојлс“, продолжија предводниците на домашната дет метал сцена „Деменси“, а затворија гостите од Полска, „Хејт“, кои се на минитурнеја низ источна Европа.

Во нивната 33-годишна кариера, ова им беше второ доаѓање во Скопје. За разлика од првото во 2016, овојпат беа хедлајнери, па имаа шанса да се покажат во далеку подобро издание. Едночасовниот настап понуди сѐ што може да се очекува од ваков тип на бенд: жестина, атмосфера, високо темпо на свирење, а потоа по малку ненадејно заврши кога веќе беше помината полноќ. Публиката остана во салата, очекувајќи барем уште една песна на бис, но тоа не се случи.

Г. КОНЕВ