„Леб и сол“ ќе бидат гости на концертот на Горан Бреговиќ и неговиот „Оркестар за свадби и погреби“, кој ќе се одржи на 23 март во салата „Јане Сандански“ во Скопје.
Македонскиот рок бенд ќе свири еден час и велат дека им е задоволство да се потсетат на 1977, кога чекајќи го миксањето на деби албумот за ПГП РТБ, добиле понуда да бидат предгрупа на „Бијело дугме“. „Леб и сол“ свиреле на концертите на „Бијело дугме“ во Сараево, Нови Сад и во Белград. Белградскиот концерт бил испраќање на Бреговиќ во тогашната ЈНА.

Концертот на босанскиот музичар со светска кариера е по повод јубилејот 50 години од основањето на „Бијело дугме“, чиј лидер беше тој, а ќе се одржи ден по неговиот 74. роденден.
Во сегашната постава на „Леб и сол“ се Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Димитар Мичо Божиков и Михаил Парушев.