Едно од најголемите имиња на светската електронска сцена Свен Ват ќе настапи на затворањето на 21. издание на Таксират, на 8 декември во „А1 арена“ во Скопје.
Како што објави „Пасворд продукција“, 55-годишниот германски диџеј и продуцент ќе пристигне ексклузивно од Амстердам за својот целовечерен сет надвор од главната фестивалска програма, што ќе почне во 22 часот.
Ват ја почнал кариерата како диџеј во 1982, за по неколку години да почне и со музичка продукција. Во 1990-ите, тој важеше за еден од најпопуларните германски музичари и оттогаш не престана со настапите низ цел свет.
Главната вечер на Таксират ќе се одржи на 7 декември, исто така во „А1 арена“, а досега потврдени учесници се „Чејс енд статус“ од Велика Британија, „Хладно пиво“ и Војко В од Хрватска, „Петер Бјерн енд Џон“ од Шведска, „Београдски синдикат“ од Србија и „Суперхикс“.