ЛЕГЕНДАРНИОТ МЕТАЛ БЕНД „КРЕАТОР“ ДОАЃА НА Д ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Легендарниот германски метал бенд „Креатор“ повторно доаѓа во Македонија, овојпат како едни од најголемите ѕвезди на 13. издание на Д фестивал во Дојран, кој ќе се одржи од 30 јуни до 2 јули.

Со кариера долга над 40 години и 15 студиски албуми зад себе, од кои последниот излезе лани, „Креатор“ е еден од најзначајните треш метал бендови на светската сцена, чии претходни настапи во Скопје беа на Таксират и во МКЦ.

„Креатор“ е последното дополнување на листата учесници на годинашниот Д фестивал, која полека се оформува. Досега се потврдени настапите на „Пич вајс“, „1000модс“, Алина Паш, „Коикои“, „Баклава“, Зарина Првасевда, Мими Мерцедез, „Смат“ и Индира Паганото.