Еден од најпопуларните шведски блек метал бендови „Watain“ првпат ќе гостува во Македонија на 12 мај во рамките на својата европска турнеја. Концертот ќе се одржи во Младински културен центар во Скопје, а како предгрупи ќе настапат „Bölzer“ од Швајцарија и „Concrete Winds“ од Финска.
Триото „Watain“ е еден од предводниците на европската блек метал сцена повеќе од 20 години. За тој период објави седум студиски албуми, од кои последниот излезе лани. Концертите на групата редовно се проследени со спектакуларна сценографија.
Претходно, на 29 април, во МКЦ ќе настапи и легендарниот американски дет метал бенд „Nile“, а двата концерта се во организација на „Терорвоид“.
(Фото: Фејсбук)