ЛУЃЕТО НА УЛИЦА МИ СЕ ЗАБЛАГОДАРУВААТ ЗА ПЕСНАТА „МАКЕДОНИЈА“, ВЕЛИ ДАДО ТОПИЌ КОЈ ВО ОХРИД ЌЕ СЛАВИ 60-ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватскиот рокер Дадо Топиќ ќе го слави 60. годишниот јубилеј во Охрид, со настап на фестивалот „Охрид фест“ на 31 август на сцената на Долни Сарај.

„Дадо Топиќ изрази желба наградата и одбележувањето на големиот јубилеј- 60 години професионална работа, да се случи токму на овој фестивал. Ова е поради големата љубов што тој ја чувствува кон нашата земја, поради приемот кај публиката, убавите спомени од минатогодишното издание и секако, поради почитта кон Григор Копров, директорот на фестивалот“, велат од тимот на „Охрид фест“.

„Сосема спонтано посакав овој мој јубилеј да го прославам токму на ‘Охрид фест’. Во Македонија се чувствувам величенствено, луѓето ме застануваат на секој чекор, на аеродром, на улица, во ресторан, сите се заблагодаруваат за песната ‘Македонија’ и велат: ‘Дадо, ни подари најубава песна, тоа е нашата химна’. Минатата година, песната наполни 50 години и ја имам постојано на репертоар. Луѓето ме прашуваат за значењето на песната. Посветена е на сонцето, го имате на знамето, имате многу сончеви денови во годината, богата историја, мирен, музикален и срдечен народ, а таа песна, наградена на ланскиот ‘Охрид фест’ ја доби плакетата што ја краси мојата работна соба“, вели Дадо Топиќ.

Дадо Топиќ со Григор Копов ни со неговиот менаџер на ланското издание на „Охрид фест“ (Фото: приватна архива)

Рокерот вели дека неговата љубов кон Македонија потекнува од најраната младост, а така го научила мајка му.  „Мајка ми беше многу музикална и кога се чистеше пченката по далматинските села, таа пееше македонски песни, јас слушав, регистрирав и полека си потпевнував во себе“, вели Топиќ

Неговиот менаџер Илија Јовановиќ има одлична соработка со охридскиот фестивал, и се со Григор Копров. Топиќ вели дека подготвува изненадување публиката на фестивалот и дека со нетрпение чекаа да дојде во Охрид, а јубилејот, освен со настпот би сакал да го прослави Билјанини извори и со повеќе концерти низ Македонија.

„Во меѓувреме ја очекуваме биографијата, монографијата и збирка на песни што ги напишав“, вели Дадо Топиќ.

М. ЏАРОВСКА

Фото: А. СТАНКОВИЌ