МАДОНА ЌЕ НАСТАПИ НА ЕВРОВИЗИЈА ЗА ЕДЕН МИЛИОН ДОЛАРИ

Тел Авив, (НМЕ)

Поп кралицата Мадона ќе настапи на годинашната Евровизија, што ќе се одржи во Израел, како специјална гостинка. Нејзиниот настап, наводно, ќе чини еден милион долари и ќе биде платен од милијардерот Силван Адамс.

Претставници на американската пејачка потврдија дека таа ќе изведе две песни на 18 мај во Тел Авив, од кои една треба да биде нова. Ова претходно го објави и Европската радиодифузна унија, која е организатор на манифестацијата.

Израел се здоби со правото да биде домаќин по минатогодишната победа на Нета Барзилај, но голем број познати личности, како Питер Габриел, Роџер Вотерс, Брајан Ино и Вивиен Вествуд, во меѓувреме повикаа на бојкот на Евровизија поради односот на Израел кон Палестинците и побараа од организаторите да ја преместат во друга земја.

Мадона, која неодамна го навести својот нов албум, досега трипати има настапено во Израел, последно во 2012.