Калиопи сношти (2 Aвгуст) одржа фантастичен концерт во Охрид, на Античкиот театар како убава прослава на Илинден.
Долги години немаше концерти во Македонија, и точно се виде дека на публиката ѝ фалел нејзиниот моќен глас, енергијата и срцето кое го дава на сцената.
„Таа е примадона, ѝ нема рамна“, коментираше еден турист од Србија во публиката. Имаше публика од цела Македонија, од регионот и фанови на Калиопи од странство, кои ја следат од времето на Евровизија во 2012, кога го испеа хитот „Црно и бело“.
На интересен начин, низ песна, таа го претстави својот бенд и придружните вокали Маја и Јулија и рече: „Со мене не е лесно да се живее. А песни ми пишува кој друг, ако не Ромео Грил, првиот од моите поранешни сопрузи, ги имам двајца. Да не речат зошто го споменувам само Ромео, тука ли е Васил Зафирчев? Каде си Васко, крени рака да те видам“, рече Калиопи и го поздрави актерот Зафирчев кој го следеше концертот.
Пред да ја испее песната од новиот албум „Во земјата на чудата“, таа рече дека последниве четири години во времето на ковид бил тежок период за сите нас, и оти се надева на поубави времиња за Македонија.
„Знаете, понекогаш се чувствувам дека живеам во земјата на чудата. Македонија е земјата на чудата“, кажа Калиопи.
Еден од поубавите делови на концертот беше миксот на балади кој го испеа со придружните вокали, а во него се: „Остани мој“, „Не плачи“, „Не заборавај“, „Дона“ и „На пат до Македонија“ на крај. Публиката извикуваше „Македонија“ на крајот на песната. Како изненадување, таа испеа и хит од Здравко Чолиќ, „Главо луда“, но и „Македонско девојче“ во интересен џез аранжман.
„Неодамна одржав концерт во Битола, и не знаев дека Јонче Христовски бил битолчанец. Тој беше најголемиот Македонец од сите нас“, рече Калиопи и ја испеа „Македонија“ од Дадо Топиќ и „Тајм“, а публиката ја засили со гласно пеење и ритам. Добрите гласови на придружните вокали дојдоа до израз во диско миксот кој тие го испејаа, а Калиопи го најави со интересна приказна.
„Кога бев тинејџерка, сакав да излегувам во диско. Татко ми Панди, сега веќе покоен кој многу ми недостига, не ми дозволуваше. Не отидов во диско, но затоа си се омажив. Да го слушав татко ми, ќе си останев стара мома. Затоа, сега за мене публиката прави диско“, рече низ насмевка Калиопи.
Одлично освежување и изненадување беше Марко Мариновиќ-Слаткаристика кој беше специјален гостин во дуетот „Казна“. Неговиот прекрар Слаткаристика, Калиопи го нарече наука. И Слаткар одржа концерт по полноќ, во ноќен клуб во Охрид.
Жељко Самарџиќ не дојде на дуетот „Знам“ кој е регионален хит, а заедно со Калиопи го испејаа неодамна на неговиот концерт во Херцег Нови, Црна Гора. На таа песна, публиката направи ѕвездено небо од телефоните.
Калиопи ги заслужи двата биса, за „Црно и бело“ и за „Бато“ и си посака и следната година да пее на истиот датум, на истото место.
Концертот го организираше „Прагма продукција“, а следно, Калиопи ќе одржи концерт во Скопје, на 19 октомври во салата „Борис Трајковски“.
М. ЏАРОВСКА