Северина Вучковиќ сношти (30 март) на концертот во преполната сала „Борис Трајковски“ во Скопје се расплака пеејќи ја песната „Родено мое“ (Rođeno moje) која му ја посвети на синот Александар.
„Оваа песна ретко ја пеам, затоа што ме потсетува на моменти на кои не сакам да се сеќавам”, рече хрватската поп-ѕвезда. Песната, таа ја сними во периодот кога судот ѝ го одзема старателството над синот и го додели на поранешниот сопруг Милан Поповиќ.
„Им благодарам на сите мајки на трибините кои ги научија децата да ги пеат овие песни“, додаде Северина.
Концертот од два часа помина брзо, затоа што нема поголем мајстор за шоу во регионот од неа. Освен нејзината енергија и заводливото танцување, за тоа допринесе и миксот од новите песни на кои скокаше помладата публика, со некои од постарите хитови на кои им се радуваа повозрасните фанови.
На баладата „Град без луѓе“ (Grad bez ljudi), по стиховите: „такви веќе не постојат” Северина довикна: „Македонија постои”!
Додека го претставуваше бендот на крајот, членовите на нејзината група и придружните вокали направија одлично шоу пеејќи светски хитови и македонски песни. Северина заигра и испеа делови од „Македонско девојче”, „Јовано Јованке” и „Македонија” од Дадо Топиќ и „Тајм”.
„На крајот, имам само една желба, чувајте ја Македонија”, порача пејачката.
Помладата публика која беше побројна, очигледно задоволна од хитовите како „Бред Пит” не побара бис на крајот, за Северина да ги испее песните со кои порано ги завршуваше концертите, баладите кои ја прославија: „Далматинка” и „Верувам во тебе” (Viruen u te).
Концертот го организираше „Прагма“ продукција.
М. ЏАРОВСКА
(Фото: Ѓ. Личовски)