Пет дена пред дочекот на Новата година, Град Скопје ги објави музичарите кои ќе настапат на скопскиот плоштад на 31 декември, за дочекот на Новата година.
Забавата ќе започне од 19.30 часот, со новогодишни хитови од женската група на Сара Мејс „Sarah Mae and the Girlzz“. Во 20.30 настапува групата „Љубојна“, а од 22 часот следи концерт на групата „Ареа“. Скопјани кои ќе бидат на Плоштадот, Новата година ќе ја пречекаат со хитовите на групата „Нокаут“, која настапува во 23.30.
Плоштадот Македонија каде ќе се одржи новогодишната прослава беше украсен пред две недели. Од Град Скопје уште не кажуваат кој го краси градот, колку чини украсувањето, дали е склучен договор или украсувањето е донација. САКАМДАКАЖАМ.МК на 4 декември испрати прашања до кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска во кои побаравме одговори дали е распишан тендер за украсување, кога е распишан, која фирма ќе украсува и колку ќе чини. Одговори не добивме.
Фото: К. ПОПОВ