МАКФЕСТ ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА ОТВОРЕНО НА ШТИПСКИОТ ПЛОШТАД САМО СО МАКЕДОНСКИ ПЕЈАЧИ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Јубилејниот 35. Фестивал на забавна музика Макфест годинава ќе се одржи на плоштадот „Слобода “ во Штип, наместо како досега во Домот на културата„ Ацо Шопов“  и тоа под посебни коронапротоколи и за пејачите и за публиката.

Промената на локацијата ја потврдува градоначалникот на Штип, Благој Бочварски кој веќе ги интезивира активностите, јубилејното издание на Макфест сепак да се одржи и покрај коронакиризата.

„ Се разработува посебен план и програма за дистанца на учесниците и на публиката. Планираме одржувањето на фестивалот да биде во втората половина на месец септември, на 18, 19 и 20 септември или евентуално наредниот викенд 25 и 26 септември. Наскоро ќе се дефинира и точната дата“, вели Бочварски.

Уметничкиот директор Владимир Дојчиновски најави фестивалска сцена со посебна бина на плоштадот,а се разработува идејата околу плоштадот да има неколку видеобимови за да се одржи потребната физичка дистанца.

„Поради светската пандемија воопшто не планираме учество на странски пејачи, ниту да има интернационална вечер така што на јубилејното издание на Макфест ќе настапат само домашни интерпретатори и ќе се пее исклучиво на македонски јазик“, вели Дојчиновски кој веќе трета година е уметничкиот креатор на фестивалот.

Т. ЈОВАНОВСКИ