МАКФЕСТ НЕ Е ТОА ШТО БЕШЕ, ЈА НЕМА НИ СТАТУЕТКАТА КОЈА НА УЧЕСНИЦИТЕ ИМ БЕШЕ ПОВАЖНА И ОД ПАРИЧНИТЕ НАГРАДИ, ВЕЛИ ДОЛГОГОДИШНИОТ ДИРЕКТОР ТРОИЦКИ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Триесет и петтото издание на Макфест ќе се одржи со одбележување на уште еден, неславен јубилеј, 10 години како не се доделува препознатливата статуетка за победникот, дело на познатиот скулптор Александар Иваноски-Карадере. На ова реагира и долгогодишниот директор на Макфест Стојан Троицки, кој беше прв човек на фестивалот цели 25 години, од почетокот во 1986 до 2009, кога беше сменет, а Макфест го презеде Општина Штип.

„Уште во првите години создадовме бренд, па Макфест стана познат не само во поранешните ју-републики, туку и во светот. Учесници беа познати музички имиња, пејачи, композитори, а Макфест го следеа над 100 акредитирани новинари од балканските земји и пошироко“, вели Троицки.

Тој потсетува дека уште за вториот Макфест дел од штипските новинари, во соработка со пекарницата „Жито леб“ од Штип и тогашниот директор Панче Миташев, за пејачите и новинарите од цела Југославија организираа џиновска пастрмалија, долга шест метри и широка 2,5 метри. Тогаш на секој чекор се чувствуваше фестивалската атмосфера, а во последните години е штама, како ништо да не се случува.

Според Троицки, Макфест цели 25 години беше институција за почит. Во рамките на Макфест, пет години се одржуваше и фестивалот за деца „Весело штурче“, а осум години и Фестивалот на новосоздадена влашка песна во Скопје.

„За 25 години, Макфест произведе продукција од над 800 композиции, од кои голем број се хитови и денес. Но, кога во 2009 дознав дека ќе бидам сменет, а Макфест почна да се политизира, заедно со главниот спонзор одлучивме да кренеме раце од него. Целокупната документација сосе склучените договори за сите композици ги дадов на главниот спонзор, кој потоа ги презеде и сите права за дотогашната музичка продукција“, вели Троицки.

Тој и преку Фејсбук протестираше за тоа што во последните години се случува со Макфест и дека се заборавени повеќе белези по кои тој беше препознатлив.

„Не е само статуетката, исчезнаа и многу други симболи на Макфест, а со тоа бледнее и сликата за Макфест, кој се реализира со големи аматеризам и дилетантизам. Дури лани, значи 10 години од моето излегување од Макфест, некој се сетил, па го добив највисокото признание на Штип, плакетата ‘Свети Никола’. Во таа прилика, раководството на градот првпат побара мое мислење за годинашниов Макфест. Само реков, ако немате доволно средства, организирајте само две вечери, првата како ретроспектива, а втората натпреварувачка. И добро е што ќе биде така, со оглед на годинашнава пандемија. Но, забележав за наградниот фонд, затоа што порано на сите учесници поважна им беше статуетката Макфест отколку парите“, порачува Троицки, чии забелешки и критики претставници на Макфест не сакаа да ги коментираат.

Фестивалот ќе се одржи на 18 и 19 септември со плејбек изведби и тоа за првпат на отворено, на плоштадот Слобода.

Т. ЈОВАНОВСКИ