„Имам голема потреба да свирам дома, па затоа ќе одржам прв самостоен концерт во Македонија. Ќе ја свирам музиката од албумот ‘Носталгична љубов’, а ќе има и мали музички изненадувања“, ни рече Ламњов.
Меѓу преработките на албумот „Носталгична љубов“ е и „Сербез Донка“ која Ламњов ја има свирено со шведскиот оркестар „Норшепинг“. Вели дека во компонирањето на новите верзии на македонските изворни песни го водело срцето.
Ламњов го комбинира македонскиот фолклор со западната класична музика. Под влијание на двата музички жанра, Ламњов вели дека концертот ќе биде доживување полно со емоции, една подлабока средба со кларинетот, како и поблиска музичка слика за Македонија како мост помеѓу стариот и модерниот свет.
Музичарот од Велес на 19 години почнал да студира на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Дотогаш веќе имал настапи во околу 15 европски земји. Кога бил трета година студии се префрлил во Шведска, на универзитетот Лунд, но почнал од почеток, како студент во прва година.