МУЗИЧАРИ ОД ОСУМ ДРЖАВИ ОД АФРИКА И ЕВРОПА ЌЕ НАСТАПАТ НА 24. ОФФ-ФЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичари од осум држави ќе настапат на 24. издание на Офф-фест во Скопје, при што организаторите ја опишуваат програмата како најсилна во последните години. Концертите ќе се одржуваат од 5 до 8 јуни во Национална опера и балет и во Младински културен центар, а билетите веќе се пуштени во продажба.

Како најголема ѕвезда се најавува португалската пејачка Марија Жоао (фото), која во Скопје ќе го претстави својот нов проект насловен „Абундансија“.

Фестивалот ќе го отворат Драган и Ратко Даутовски, а по нив ќе настапи „Канцониере Греканико Салентино“, италијански фолк ансамбл, кој слави 50 години постоење.

Во програмата се и финскиот виртуоз на хармоника Кимо Похјонен, гитаристот од Мали, Вју Фарка Туре, кого го нарекуваат „сахарскиот Хендрикс“, пејачките Флоренс Адони (Гана) и Јулија Козакова (Словачка), унгарскиот бенд „Мордај“ и едни од предводниците на новата македонска алтернативна сцена „Луфтанза“.