МУЗИЧАРИ ОД ШЕСТ ЗЕМЈИ ЌЕ НАСТАПАТ НА ТРЕТИОТ ФЕСТИВАЛ НА ЏЕЗ, ВОРЛД И СОВРЕМЕНА МУЗИКА ВО ВЕЛЕС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Третото издание на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика во Велес ќе има седум програмски дена, распределени од 29 септември до 27 октомври. Фестивалот основан и финансиран од Општина Велес и оваа година ќе има меѓународен карактер, а учесниците доаѓаат од Франција, Германија, Финска, Грција, Австралија и Македонија.

На отворањето в недела, поетско-музичко-театарски перформанс ќе имаат Џејмс Вајли од Австралија и Егли Кацики од Грција, кој ќе се одржи во Спомен-костурницата од 20 часот. Потоа во Европска куќа ќе настапат Влатко и гостинот од Финска, Лемпи.

Следниот музички настан е на 18 октомври, кога со перформанс ќе настапи „Антез“ од Франција.

Домашната музичка сцена ќе ја претставуваат и „Third World Quartet“, дуото Филип Динев/Мартин Ѓаконовски, „Калата“ (фото), „Луфтанза“ и Данчо Саздов/ТДР.

„Програмата не е за широки маси, туку за љубители на музика со истенчен вкус. Мала музичка едукација за помладата публика. Целта е да создадеме публика за ваков вид музика, која реално ја имаме, ама многу малку. Треба да ја изградиме“, кажа музичарот Сашко Костов, кој е дел од организацијата.