МУЗИЧКИОТ ПРОЕКТ „МЕТАЛМАНИЈА“ ОД БИТОЛА СЛАВИ 25 ГОДИНИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Музичката емисија „Металманија“ чиј автор е Агим Џело, која во континуитет се емитува на ТВ Тера од Битола и на Јутјуб, а има за цел промовирање на македонската андерграунд сцена, годинава прославува јубилејни 25 години.

По тој повод, на 25 август од 20 часот во кафе бар „Везилка“ во Битола ќе се одржи проекција на посебна, јубилејна емисија и изложба на тема „25 години музичка емисија Металманија“. Настанот насловен „Ноќ со Металманија“ е замислен како целовечерно дружење и забава за гледачите и вљубениците во емисијата, а е во рамките на „Битфест“.

Почетоците на емисијата беа на една локална телевизија, во 1996, најпрво како „Хеви метал топ 5 листа“, а од 1999 продолжи под препознатливо име  „Металманија“. Емисијата низ 25 годишниот раст, отстапува голем простор покрај за македонската алтернативна и за светската рок и метал сцена.

„Во емисијата се емитуваат спотови од групи кои ја држат во живот хард рок музиката, сѐ до оние кои ја свират и дед метал музиката. Целта е промовирање на македонската андерграунд сцена и можам да кажам дека успеав во замислата. Низ емисијата досега поминале голем број македонски рок и метал групи, многу видеоспотови, некои тука и за првпат промовирани. Ги следам свирките на битолските и македонските групи, а голем простор издвојувам и за рок концертите и фестивалите кои се одржуваат низ државата и соседството и на кои се снимени бројни интервјуа со многу светски групи како „Апокалиптика“, „Вајтснејк“, „Дип парпл“, „Креатор“ и многу други“, вели авторот на емисијата Агим Џело.

Ж.ЗДРАВКОВСКА