Златко Каучич (Словенија, тапани), Бери Гај (Велика Британија, контрабас) и Агусти Фернандес (Шпанија, пијано) го сочинуваат интернационалното трио кое ќе настапи на отворањето на четвртата и последна вечер на 42. Скопски џез фестивал. Концертот ќе се одржи во Националната опера и балет со почеток во 20 часот.
„Каучич, Гај и Фернандес се три нови музички икони, мајстори на импровизацијата и рафинираната композиција, кои остварија силна музичка врска уште пред да се сретнат“, најавуваат од СЏФ.
Осумнаесетмина музичари ќе ја окупираат сцената за концертот на Суперсоничниот оркестар на Гард Нилсен, кој почнува во 22 часот.
„Нема потреба да се трошат зборови за овие музичари, освен фактот дека сите се силни лидери на бендови и импровизатори од светска класа. Музиката е енергична, сугестивна, динамична, креативна и експлозивна, со многу простор за секој музичар да учествува со свој сопствен израз“, се вели во најавата на концертот.
Фестивалот се затвора со полноќниот настап на десетчлената бразилска група „Бишига 70“ во МКЦ.