Со три месеци одложување поради пандемијата на коронавирусот, вечерва ќе се одржи петтото издание на фестивалот „Скопје колинг“, кој во меѓувреме мораше да го промени и концептот, па во програмата ќе биде најдоброто од домашната музичка сцена, како што најави организаторот „Авалон продукција“.
Програмата на стадионот на АРМ во Градски парк почнува во 20:30 часот, а ќе настапат „Плуто‘с даут“, „Фанк шуи“, „Фолтин“ и „Ласт експедишн“, кој ќе може да се чуе во живо за првпат по долго време. Настапот на „Фолтин“ се најавува како „касновечерен кабаре перформанс“, што ќе трае час и половина.
„Скопје колинг“ оригинално требаше да се одржи во јуни и притоа требаше да биде посветен на електронската музика.
Како што налагаат моменталните околности, и „Скопје колинг“ ќе се одржи според предвидениот протокол за заштита од ковид-19.