Националниот џез оркестар ќе одржи три концерти во Хрватска, на кои ќе настапи заедно со црногорскиот музичар Рамбо Амадеус.
Турнејата започнува вечерва (25 јуни) во Шибеник, па следува концертот на 28 јуни во рамките на првото издание на фестивалот „Island Vis Music Breeze“, кој ќе се одржи на полуостровот Прирово. Третиот концерт е во Хрватскиот народен театар во Сплит на 1 јули.
Антоније Пушиќ, познат во јавноста како Рамбо Амадеус, е познат по острите и сатирични текстови и по виртуозноста на гитарата. Неговата музика е мешавина од спротивности, колаж кој вклучува фанк, рок, хип-хоп, џез, импровизации, комедија и електроника. Со Националниот џез оркестар одржа концерт во 2022 во Филхармонијата и настапи на годинашната Златна бубамара на популарноста во салата „Борис Трајковски“.
Публиката во Хрватска ќе слуша песни на Рамбо Амадеус во аранжмани за биг бенд состав. Аранжманите ги изработија членовите на оркестарот.