НЕ ПРИПАЃАМ НА НИВНИТЕ 50 ГОДИНИ, РЕЧЕ ЖЕЉКО БЕБЕК ЗА СЛАВЕНИЧКАТА ТУРНЕЈА НА „БИЈЕЛО ДУГМЕ“ НА КОЈА ОДБИ ДА НАСТАПУВА

Сараево, (Радио Сараево)

Култниот сараевски бенд „Бијело дугме“ на 11 мај тргнува на турнеја во чест на својот 50. роденден. Турнејата симболично ќе започне во Домот на млади во Сараево, каде што бендот го имаше првиот настап во 1974.

Групата предводена од Горан Бреговиќ ќе свири 50 концерти во 50 градови. Во поставата ќе бидат Бреговиќ, двајца од тројцата пејачи Ален Исламовиќ и Младен Војичиќ-Тифа, Ѓиѓи Јанкелиќ, Огњен Радивојевиќ и Зоран Реџиќ. Жељко Бебек, првиот пејач на бендот, нема да ѝ се придружи на екипата.

„Секогаш, дури и по педесет години, чувствувам возбуда потсетувајќи се на почетоците на приказната за уникатната група за која сите знаат сè. Тој момент во 1974 година беше почеток на професионалната кариера и за бендот и за мене, но и нешто многу, многу повеќе. Најпрво им оддавам почит на оние кои веќе не се тука, а без кои немаше да ја има групата: Горан Ипе Ивандиќ, Владо Правдиќ и Лаза Ристовски. Во почетокот бевме петмина и уште неколкумина со кои приказната беше убава: Бебек, Бреговиќ, Ивандиќ, Правдиќ, Реџиќ и потоа Миќа и Ѓиѓи. Па бевме повеќе: Санин, Љубиша, Муте и Гаро. Потоа се случи 1984, кога Горан и момците решија што решија. Кој знае зошто, но тоа сега не е важно. Сите врски се прекинати. Ме отстранија од бендот. Јас веќе не бев еден од нив. Затоа не припаѓам на нивните педесет години“, напиша Бебек на социјалните мрежи.

Првата постава на „Бијело дугме“ во 1974 (Фото: Фејсбук)

„Пред еден месец, по дваесет години, бевме на ручек во Загреб. Горан и јас. Разменивме мислења за некои клучни прашања на тема заеднички настапи. Разговорот го завршив со јасен одговор: ‘Одиме секој по свој пат’“, кажа Бебек.
Тој вели дека најавената турнеја ја доживува како забава на која избраниците на Горан ќе се обидат да разбудат спомени за некои други времиња.

„На сите им посакувам успешен пат, а на Горан му ја честитам 50-годишнината на музичката кариера“, изјави Бебек.

Додаде дека и самиот слави 50 години кариера и има одржано славенички концерти во Скопје, Торонто, Чикаго, Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Загреб, Лондон, Марибор и Сплит, а најавени се уште неколку. Наскоро ќе излезе и неговиот албум „Бебек – 50 години“.