„Меморија“ ќе одржи концерт во Скопје на 16 ноември во салата „Борис Трајковски“. Ова е трет скопски концерт на познатиот поп-рок бенд по повратничкиот во 2017, кој беше последниот музички настан на Саемот пред да се урне.
На прес-конференцијата во Скопје, басистот и лидер на бендот Петар Георгиевски-Камиказа се расплака по промоцијата на баладата „За тебе“. Оваа песна тој и бендот ја напишале како посвета на сопругата на пејачот Апостол Икономов-Поце, Вики, која по долго боледување почина во мај.
„Ние луѓето сме како рингла, и јас сум како рингла. Некогаш функционирам на единица, некогаш на шестка. Немам одговор како имав сила оваа песна да ја отпеам во Штип на концертот во јуни“, рече Икономов.
„Во студиото ‘Тра ла ла’ на Мите Димовски и во Штип, кога Поце ги пееше највисоките тонови, знам дека Вики нѐ гледаше одозгора“, рече Георгиевски.
Тој додаде дека претстојниот концерт ќе биде светски, со анимаци на сите песни, во стилот на „Колдплеј“.
„Ни рекоа дека сме ги поместиле границите на македонските концерти. Но, ние не правиме македонски концерти, ние правиме светски концерти. За овој во Скопје во ноември ќе вложиме 75.000 евра за да стасаме до нула“, рече Георгиевски.
Тој најави три гостинки на концертот и рече дека ќе се обиде сите поранешни членови на групата да бидат гости, а тоа се повеќе од 30 луѓе. Најави и албум со нови песни следната година, на кој ќе биде и хитот „Дирлада“, кој за првпат ќе се сними во студиска верзија. На новиот албум ќе има и дуети на Икономов и Ристо Самарџеив, кој исто така беше вокал во бендот и е автор на „Дирлада“.
Самарџиев кажа дека музиката им дава сила да не престанат да свират. Георгиевски се надоврза дека се надева оти групата основана во 1984, која во 2017 одржа концерт по 25 години пауза, ќе направи уште еден повратнички концерт 25 години подоцна.
„‘Огaн под ѕвездите‘ е напишана во 3:10 наутро за 15 минути. Видете колку години трае“, рече Георгиевски.
На прес-конференцијата се промовираа уште два нови спота од „Меморија“: преработката на песната „Јана“ од групата „Триангл“ и микс од патриотските песни „Едно име имаме“, „За многу години Македонци“ и „Заветна“, со снимка од полниот концерт во Штип.
Георгиевски апелира да се носат децата на концерти на македонски музичари и дека „Меморија“ полни сали затоа што 40 години не запеала на ниеден друг јазик освен македонски.
Прес-конференцијата ја водеше поранешниот тапанар на бендот, новинарот Антонио Димитриевски, а „Меморија“ го претстави и новиот гитарист, Рубин Димкоски од Прилеп. Дојдоа и Давор Јордановски, кој свири клавијатури и тапанарот Сашо Ангеловски-Сале.
М. ЏАРОВСКА