ЌЕ ВИ ГО ПЕАМ ЈОНЧЕ ХРИСТОВСКИ, ВЕЛИ ДРАЖЕН ЖЕРИЌ-ЖЕРА ПРЕД КОНЦЕРОТ НА „ЦРВЕНА ЈАБУКА“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фронтменот на сараевската поп-рок група „Црвена јабука“, Дражен Жериќ- Жера со бендот ќе одржи концерт во Скопје, на 10 октомври во салата „Јане Сандански“. На новиот албум на групата е преработена песната „Ако умрам ил загинам“ од Јонче Христовски. На пресот, Жериќ рече дека таа песна секогаш ја чуваат за крај на концертите, и ја пее целата публика во регионот, но најмногу ја сакаат Македонците во дијаспората.

„Паметам точно кога за првпат ја слушнавме оваа песна. Бевме со стариот состав на „Црвена јабука“ во Скопје, во 1988 година, во еден ресторан во старата чаршија. Имаше група музичари кои акустично свиреа во ресторанот, и за уво ни се залепи таа песна. Ја нарачувавме по неколку пати и им дававме бакшиш. Паметам дека кога затвори ресторанот, ние тргнавме пеш до хотелот „Бристол“ каде што бевме сместени, а  свирачите нѐ следеа сѐ до хотелот. Неколку години потоа, почнав да ја пеам на концертите, но си реков дека еден ден мораме да ја преработиме и снимивме студиска верзија“, рече Жериќ на денешната прес-конференција во Скопје, по повод концертот.

Пејачот се присети и на војната во Босна и Херцеговина, која ја поминал во Сараево, и повеќето од времето без вода и без струја. Стариот состав на групата се распадна пред војната во 1991 година, а од 1995 година, Жериќ основа нов бенд кој работи од Загреб каде што и тој живее.

„За време на војната, често немавме вода ни струја, се збиравме по подруми, и свиревме акустични гитари. Кога излегов од Сараево, бев бегалец во Германија шест месеци, а потоа заминав за Хрватска. Со гитаристот Златко Арсланагиќ- Злаја, основачот на групата и авторот на старите песни не сум се слушнал од 1995 година. Тој се повлече од музиката, живее во Канада и работи во книжара“, кажа Жериќ.

Рече дека е голем противник на новата технологија, социјалните мрежи и вештачката интелигенција.

„Немам профил на ниту една социјална мрежа, ниту некогаш ќе имам. Избирам да јадам чорба во живо со пријатели во чаршија во Скопје, а не да куцам пораки. Се плашам дека како што тргнала работата, еден ден сите ќе станеме како роботи“, рече музичарот.

Жериќ зборуваше и за времето кога бендот бил многу популарен во поранешна Југославија.

„Во една година, на турнеја свиревме и до 300 концерти, понекогаш и по два концерти на ден. Во Македонија, Демир Хисар па Битола во иста вечер. Паметам дека еднаш во Охрид ни падна сцената за време на настап, едноставно се сруши. Публиката се исплаши, но среќа никој не се повреди“, рече пејачот.

Во јули следната година, тој ќе наполни 60 години. Татко е на 14 годишни близначки, и сопственик на кафе-бар во Загреб. Иако со прекини, групата според него опстојува од 1985 година само поради добрите песни и душата на Сараево која е во секоја од нив.

М. ЏАРОВСКА